Невработеноста во Грција е најниска во последните 15 години

Сезонски приспособената стапка на невработеност во Грција падна во јуни од 10,3 отсто во мај на 9,6 отсто и сега е најниска во последните 15 години, објави  грчкиот завод за статистика ЕЛСТАТ.

Според извештаите, бројот на невработени во Грција се намалил за 30.600 на 456.700 лица, додека вработеноста се зголемила за 41.200 на 4,29 милиони.

Бројот на лица помлади од 75 години кои не учествуваат на пазарот на труд, односно не работат и не бараат работа, се намалил за 12.800 на 3,02 милиони месечно.

Грчкиот институт за статистика неодамна објави дека годишната стапка на инфлација во Грција благо паднала во јуни од 2,4 отсто во мај на 2,3 отсто.

Цените на храната и на безалкохолните пијалоци во јуни се зголемени за 2,1 отсто на годишно ниво, забавувајќи се во однос на мајските 3,1 отсто, а на облеката и обувките за 4,6 отсто наспроти мајските 6,4 отсто.

За разлика од нив, цените на услугите во хотелите и рестораните се зголемени за 5,4 отсто, што претставува забрзување во однос на мајските пет отсто.