Nissan речиси двојно ја зголеми годишната нето добивка

14

Во последната фискална година, која заврши на крајот на март, јапонскиот производител на автомобили Нисан оствари нето добивка од 426,6 милијарди јени (2,55 милијарди евра), што е за 92,3 отсто повеќе од претходната година.
Оперативната добивка е зголемена за 50 отсто, а компанијата главно го припишува растот на поголемата продажба и доброто управување со трошоците.

Од компанијата објаснуваат дека нето добивката во последната деловна година била значително повисока од очекуваната, што е резултат на укинувањето на претходно евидентираните резервации за судски спорови. Дел од зголемувањето на добивката се припишува на слабиот курс на јенот, пренесува француската новинска агенција АФП.

Во меѓувреме, според прогнозите на компанијата, добивката ќе се намали за околу 10 отсто на 380 милијарди јени (2,27 милијарди евра) во тековната година.

Приходите од продажба на Nissan се зголемија на 12,686 милијарди јени минатата фискална година од 10,597 милијарди јени една година порано, се вели во деловниот извештај објавен на веб-страницата на компанијата.