Њујорк Тајмс за прв пат со поголема заработка од читателите отколку од маркетингот

42

NY timesЊујорк Тајмс минатата година за прв пат остварил поголеми приходи од своите читатели, односно од продажба на печатените и онлајн изданијата, отколку од маркетингот. Од компанијата известија дека приходите пораснале за 10,4%, на 952,9 милиони долари, главно поради порастот на дигиталната претплата и растот на цената на печатените изданија, а приходите од рекламите паднале за 5,9%, на 898,1 милиони долари.

“Бележиме пораст на претплатата на нашите онлајн изданија, но и на печатените изданија. Всушност, прв пат откако излегува весникот имаме поголема заработка од продажбата на печатените и онлајн изданија, отколку од рекламите”, изјави директорот на медиумската групација, Марк Томсон.

Стратегијата за развој на групацијата беше фокусирана на интернет претплатниците. Кон крајот на декември онлајн изданието на Њујорк Тајмс имаше 668.000 претплатници, што е за 13% повеќе отколку претходните три месеци.

Освен Њујорк Тајмс, пораст на претплатата на дигиталните изданија бележат и останатите американски дневни весници, како на пример The Boston Globe и BostonGlobe.com.

“Покажаната подготвеност на корисниците да платат за високо квалитетно новинарство по кое се познати Њујорк Тајмс и другите наслови на компанијата се клучни елементи на нашата стратегија на раст”, вели Томсон.