НЛБ Банка воведе можност за бесконтактни трансакции на банкоматите

104

НЛБ Банка воведе можност за бесконтактно користење на услугите на своите банкомати. Оваа иновативна придобивка е достапна за сите корисници на бесконтактни платежни картички, како и за сите корисници кои имаат апликација за мобилен паричник. Во моментов услугата за бесконтактни трансакции е достапна на 80 НЛБ банкомати низ земјава.

Бесконтактните банкомати овозможуваат едноставни, брзи и безбедни трансакции. Станува збор за надградба на банкоматите со бесконтактни читачи, кои нудат можност за подигнување на готовина и проверка на состојба со доближување на бесконтактна картичка или мобилен телефон преку NLB Pay мобилниот паричник (или преку друга апликација за мобилен паричник).

Принципот на бесконтактно подигнување на готовина е сличен на процесот за бесконтакно плаќање, односно корисникот треба само да ја доближи својата картичка или мобилниот телефон на означеното место на банкоматот каде е поставен знакот за бесконтактни трансакции. За секое подигнување на готовина на овој начин, без разлика на износот, неопходно е корисникот да го внесе својот ПИН код заради дополнителна заштита.

“Со воведување на новата функционалност за бесконтактните трансакции на нашите банкомати направивме, уште еден чекор кон унапредување на нашите услуги, а на клиентите им овозможуваме едноставна, брза и сигурна услуга. Новите функционалности на банкоматот се во прилог на новонастанатата ситуација со Covid вирусот, каде клиентите сè почесто сакаат да ги користат дигиталните услуги, но и бесконтактниот начин за вршење на трансакции. Преку оваа функционалност повеќе нема ризик банкоматот да ја одземе картичката, а дополнително клиентите имаат можност и воопшто да не носат картичка со себе, туку да извадат готовина само преку својот мобилен телефон,“ изјавија од Банката.