НЛБ Тутунска банка одвојува над 470 милиони денари за исплата на дивиденда

22

nlb

На годишното собрание на акционери на НЛБ Тутунска банка беше донесена предлог одлука за употреба и распоредување на остварената добивка по годишна сметка на банката за 2014 година.

Според овој документ, објавен на Македонска берза, од добивката по оданочување во износ од 672.641.000 денари, за исплата на дивиденда 470.587.611 денари, додека остатокот од 202.053.790 денари останува како задржана добивка за инвестициски вложувања.

Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2014 година е 07.05.2015 година, додека прв ден на тргување без право на дивиденда е 08.05.2015 година.

Датумот на евиденција, според кој се определува листата на акционери кои имаат право на делот од добивката наменет за дивиденда за 2014 е 12.05.2015 година.

Износот на бруто дивиденда по акција е 551 денар. Исплатата на дивиденда ќе почне на 30-от ден од одржување на Собранието на НЛБ Тутунска банка.

“Добивката која се распоредува во задржана добивка за инвестициски вложувања служи за развојни цели, односно вложувања во материјални и нематеријални средства за проширување на дејноста и истата не е расположива за исплата на дивиденда на акционерите во иднина“, се наведува во предлог одлуката.