Нов проект финансиран од ЕУ во рамки на ИПА 2 инструментот за граѓанско општество и медиуми

25

Во просториите на ЕУ Инфо Центарот во Скопје, вчера официјално отпочна новиот проект во рамки на ИПА 2 Инструментот за граѓанско општество и медиуми IPA 2 Multi-Country Civil Society Facility & Media Programme 2014-2015.

Новиот ИПА проект насловен Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима, има за цел подобрување на управувањето со животната средина преку создавање на услови за ефективно учество на граѓанските организации во процесот на донесување на одлуки, а истовремено и нивно влијание врз клучните реформи за понатамошно транспонирање и имплементација на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима во земјата. Се очекува имплементацијата на овој проект да го зголеми ниското ниво на учество на граѓанските организации во процесот на донесување на одлуки, забележано во Извештајот за напредок на земјата за 2014 година. Граѓанските организации генерално се соочуваат со недостаток од познавање на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима, како нов дел од законодавството на ЕУ, па оттука ова е вистински момент за граѓанското движење да го промовира партиципативниот пристап кон овој процес.

Проектот Зајакнати граѓански организации за партиципативно транспонирање и спроведување на ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима е осумнаесет месечна иницијатива која ќе се имплементира во периодот помеѓу 18-ти јануари 2016 година и 18 јули 2017 година од страна на Здружението за одржлив развој МИЛИЕУКОНТАКТ Македонија во партнерство со Институтот за обука КОЦКА и Граѓанското здружение за животна средина Фронт 21/42. Вкупниот буџет на проектот изнесува 255.090 евра, а придонесот на Европската комисија е 232.000 евра или 14.312.080 денари.

“Развојот на граѓанскиот сектор, во голема мера, благодарение на програмите за финансирање од ЕУ, е евидентен во последните неколку години. Преку овој проект, очекуваме да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации поврзани со ЕУ 2020 пакетот за енергија и клима и да се воспостават оперативни механизми за комуникација и застапување во корист на заштита на животната средина. Очекуваме да видиме силно и одржливо партнерство меѓу граѓанските организации и релевантни национални и локални власти за време на спроведувањето на заедничките активности. Ова е навистина важен чекор напред во поглед на справување со климатските промени и демократскиот напредок на сите нивоа” истакна претставникот на Делегацијата на Европската унија, Јаромир Левичек на отворањето на настанот.

Г-ѓа Ивана Петкановска, раководител на проектот, исто така имаше кратко обраќање до присутните.