Нов железнички тунел од 11 милијарди долари ќе ги поврзе Њујорк и Њу Џерси

30

Железнички тунел, што ќе чини 11 милијарди долари и ќе биде клучна врска за патувања во североисточниот дел на САД, го доби потребното одобрение од сојузната служба на САД за заштита на животната средина.

Таа одлука, што ја објави Министерството за сообраќај, значи дека проектот за изградба на нов тунел под реката Хадсон, којшто ќе ги поврзе Њујорк и Њу Џерси, може да продолжи со инженерски и проектантски работи.

Се очекува одобрението да го скрати патот кон доделување сојузни субвенции за почеток на изградбата. Сојузната помош е неопходна бидејќи државите Њујорк и Њу Џерси со години не би можеле да ги достигнат своите 25% удел во вкупната цена на тунелот, но се надеваат дека со текот на време ќе успеат да ги соберат.

Тунелот, што е дел од поширокиот проект за проширување на железничките капацитети во регионот на Њујорк, се подготвува повеќе од 10 години.

Иако студијата за заштита на животната средина е завршена пред три години, учесниците во изградбата, вклучувајќи го гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо, тврдат дека поранешната администрација на претседателот Доналд Трамп од политички причини го одложуваат одобрението.

Постоечкиот тунел е стар повеќе од 110 години и во него поради трошење на ѕидовите и старите кабли често има проблеми што предизвикуваат доцнење на возовите. Стотина возови и стотици илјади патници секојдневно поминуваат низ стариот тунел, а кога има доцнење тоа го погодува целото источно крајбрежје на САД, од Бостон до Вашингтон.

Штом почне изградбата, тунелот би бил завршен за шест до седум години.

Според проектот, новиот тунел ќе биде паралелно со стариот и кога ќе биде целосно изграден новиот, постоечкиот ќе биде исклучен од употреба поради комплетен ремонт, што би требало да трае до две години, а потоа и преку двата ќе може да поминуваат возови.

Фото: Pexels