Нова укранинска инвестиција вредна 200 милиони долари и 500 вработувања

20

hutmen-tube Украинската компанија Konstantinovsky Plant of Metallurgical Equipment (KPME) вчера најави инвестиција за преработка на бакар во Македонија, која би можела да достигне 200 милиони долари и да донесе вработување на 400-500 лица. Претставниците на украинската компанија беа примени од премиерот Никола Груевски, кого го информираа за своите планови и намери во Македонија.

„Според нашите планови најпрво ќе направиме детални геолошки истражувања на три наоѓалишта за кои добивме концесија. Две концесии во месноста на градот Валандово и уште една во кумановско Старо Нагоричане“, изјави заменик претседателот на компанијата, Генадиј Сичов по средбата со премиерот Груевски.

Сичов информираше дека во текот на денот треба да биде потпишан договор со македонска компанија која што ќе ги извршува геолошките истражувања и бушачките работи, а формата на ова ново претпријатие, планирано е да се изгради до крајот на годината.

“Разгледувавме повеќе опции и повеќе држави за развивање на овој бизнис, разгледавме наоѓалишта во Јужна Африка, Шпанија, Куба и други држави, но се одлучивме за Македонија бидејќи тука почуствувавме најдобра бизнис клима”, рече Сичов.

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо оцени дека оваа вредна инвестиција од страна на украинската компанија е плод на она што се работело во изминативе 10 месеци, кога компанијата за прв пат дојде во Македонија.

„Она што тие планираат да го прават не е само експлоатација на руда, туку истовремено целосна вертикална интеграција на производство на бакар, катоди од бакар, жици и цевки, што значи дека потенцијалот за вработување е некаде околу 400 до 500 луѓе врз основа на целиот процес на трите рудници и фабриката и можност за инвестирање која ќе надмине над 200 милиони долари во следниот период“, рече Мизо.

Тој информираше дека се предвидува инвестицијата да се изведува во неколку фази.

„Прво се процесите на истражување, но врз основа на првобитните информации тие се прилично сигурни дека во брзо време ќе се започне и со експлоатација на сите три локации“, рече Мизо.

Мизо истакна дека процесот на истражување се очекува да биде готов до крајот на годината, по што би следела изградбата на фабриката, која ќе биде во близина на рудникот.

Фабриката, која би била прва од ваков вид во Македонија, треба да почне со работа на крајот на 2015 или почетокот на 2016 година, а пласманот на бакарот ќе биде на светските пазари.