Нови 35 кривични пријави за неовластено користење струја

29

Екипите на ЕВН Македонија, полицијата и судските вешти лица за првите 18 дена во месецов открија 22 корисника кои ги манипулирале броилата и 13 кои сами се приклучиле на дистрибутивната мрежа, соопшти компанијата.

Од ЕВН велат дека енергијата што ја трошат корисниците кои самостојно се приклучиле не се евидентира во системот на ЕВН Македонија и тие воопшто не плаќаат за потрошеното.

Ова неовластено користење на електричната енергија претставува и кривично дело. По откривањето тие се веднаш исклучени од системот и поднесени им се пресметки и кривични пријави. Вкупната штета што ја направиле крадците изнесува 800.000 денари или 5,4 милиони kWh.

Понатаму во соопштението се додава дека стручни лица од ЕВН заедно со полицијата ги продолжуваат засилените контроли и во наредниот период. Најавуваат дека покрај крадците на електричната енергија, ќе се санкционираат и нередовните плаќачи. Непопуларната мерка исклучување од дистрибутивниот систем  следува за оние корисници кои имаат неподмирен долг кон ЕВН Македонија, а тужените долгови се предаваат на постапување кај извршителите.

Во првите шест месеци од годинава ЕВН Македонина откри 1.200 кражби на електрична енергија, штетата е 2,2 милони евра, државата е оштетена за процентот на ДДВ, крадците украле 20 милиони киловатчаса електрична енергија.