Нови 474 станови од Владата за социјално загрозени групи на граѓани

34

11C9E267A699AD46992D5F66853B3898Преку акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, годинава Владата ќе започне со градба на 474 станови во пет градови во Република Македонија.

За изградба на овие станови кои се наменети за лица со социјален ризик и други ранливи групи Владата издвои 867.833.000 денари.

Согласно програмата, 312 становите ќе бидат изградени во Скопје (Општина Бутел), 18 во Ресен, 25 во Демир Хисар, 43 во Кочани и 76 во Прилеп (Точила).

Рокот за изградба за некои згради е до 2014, а за останатите до 2015 година. Досега се изградени и распределени 559 станови за лица со социјален ризик.

“Во текот на оваа недела ќе отпочнат постапките за почеток на изградба на овие станови. Ќе бидат распишани јавни повици за интерес за градење на становите и ќе бидат отворени понудите. По отворањето на понудите ќе се пристапи кон електронска негативна аукција на која компаниите кои сакаат да ги градат становите по пат на наддавање ќе си конкурираат и онаа компанија која ќе понуди најниска цена ќе ги гради становите”, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на владата.

Програмата е дел од активностите на Владата за решавање на станбеното прашање на примателите на социјална парична помош.