Нови 6.000 работни места во фабриките на странските инвеститори ќе се отворат годинава

12

jonson-controls-520x263 Нови 6.000 работни места се очекува да бидат отворени годинава во фабриките на странските инвеститори во индустриските зони во Македонија. Деновиве, веќе има огласи како Анфенол во Кочани, Џонсон Контролс во Штип и многу други.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека Владата и натаму ќе продолжи со бизнис заедницата и инвеститорите да гради еден добар амбиент за да се зголемува бројот на инвестиции и да се зголемува бројот на вработени.
“Од ден на ден се зголемува бројот на огласи со кои се отвораат нови работни места од страна на инвеститорите. Деновиве имаме огласи за нови работни места во Кочани во Анфенол, потоа во Штип во Џонсон Контролс и во многу други делови во Република Македонија. Ќе продолжиме со бизнис-заедницата и инвеститорите да градиме еден добар амбиент да се зголемува бројот на инвестиции, да се зголемува бројот на вработени во Македонија кои со последните податоци го достигна историски највисокото ниво од 683.000 вработени во Македонија, највисоко ниво во овие 20 години, како и невработеноста да опаѓа. Последните статистички податоци се 273.000 невработени, што е најниско ниво на невработеност, односно стапка од 28,7%”, изјави вицепремиерот Ставрески.
Тој очекува дека овие добри економски политики, а посебно во делот на привлекување на странски инвестиции, но и реализација на капитални проекти и со подобрувањето на инфраструктурата, изградбата на новите автопати, пругата кон Бугарија, субвенциите во земјоделството да креираат нови можности за нови инвестиции и за нови работни места.
Ставрески истакна дека преку реформите за подобрување на бизнис климата за инвестирање во земјата се гледаат и ефектите, односно дека постоечките капацитети веќе креираа околу 5.000 работни места и дека и се очекуват во текот на оваа нови 6.000 работни места.
“Тоа покажува дека станува збор за еден сериозен процес, за еден сериозен придонес кон намалувањето на невработеноста. Очекувам дека со дополнителните политики и со обезбедување на евтини кредити за домашните инвеститори и одржување на нула стапка на данок на добивка ќе се зголемат и домашните инвестиции, а кон тоа ќе придонесе и стабилизирањето на европската економија и сето тоа заедно би требало да ни овозможи да продолжиме со добриот тренд на намалување на невработеноста”, изјави вицепремиерот Ставрески.