Нови директни линии до неколку европски градови преку Wizz Air

43

Нискобуџетската авиокомпанија Wizz Air во јуни и јули годинава ќе воведе нови директни линии од Скопје и Охрид до неколку европски градови, пишува Миа.

Од скопскиот аеродром Александар Велики директно ќе се патува до Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридихшафен два пати неделно, а од аеродромот Св. Апостол Павле од Охрид, ќе има директен лет до Базел, исто така два пати неделно.

Новите дестинации се согласно Договорот за финансиска поддршка за воведување нови авионски линии од аеродромите во Скопје и Охрид за периодот од 2015 до 2018 година, потпишан помеѓу Министерството за транспорт и врски и Wizz Air.

Според Министерството за транспорт и врски, со воведување на новите дестинации се зголемуваат можностите за патување на македонските граѓани и посета на атрактивни локации што ги нудат овие градови во делот на туризмот, културните и спортски настани.

Покрај најавените шест нови дестинации, во изминатиот период преку проектот за доделување финансиска поддршка на нови авиолинии воведени се директни летови кон Малме, Базел, Милхаусен, Милано, Бергамо, Ајндховен, Дортмунд, Меминген, Минхен, Стокхолм, Гетеборг, Лондон-Лутон, Венеција, Франкфурт, Париз, Брисел, Келн и Рим.