Германскиот производител на електрични автомобили Sono го претстави ентериерот на моделот Sion во којшто има мов што служи за филтрација на воздухот внатре.
“Прочистувачот“ е наречен Вresono, а според компанијата станува збор за природен филтер којшто ја подобрува климата во автомобилот и го намалува загадувањето со штетни честички.
Мовта се наоѓа во контролната табла, веднаш под дигиталниот дисплеј и е прекриена со проѕирен капак.
Моделот има батерија од 35 киловат часови, а вклучува и сончеви панели на покривот од коишто добива сончева енергија, пишува Designboom. Автомобилот се полни самостојно и со тоа може да обезбеди дополнителни 24 на постоечките 250 километри.
Sion е планирано да биде првиот електричен автомобил со интегрирани сончеви панели којшто треба да влезе во производство.
Според Sono производството на 260.000 возила е закажано за втората половина на 2020 година, а цената ќе изнесува 25.500 евра.
Фото:Sono