Ново АД за водостопанство за подобри услуги на земјоделците

22

Ново акционерско друштво во државна сопственост Водостопанство на Република Македонија ќе се формира за да може успешно да се реализираат најавените инвестиции во водостопанството и да се обезбедат подобри услуги за земјоделците, рече денеска портпаролот на Влада, Александар Ѓорѓиев.

“Целта е со формирањето на акционерското друштво сериозно да се подобри степенот на давање услуги кон земјоделците и да се обезбеди стручен кадар којшто ќе ги реализира инвестициските циклуси“, рече тој.

Седиштето на акционерското друштво ќе биде во Скопје, а постоечките 12 водостопански претпријатија ќе станат негови подружници. Во оние места каде што нема вакви претпријатија или каде што водостопанските друштва покажуваат послаби резултати можно е да бидат формирани нови претпријатија.

“Веруваме дека со оваа наша одлука ќе обезбедиме можности за инвестиции во сферата на водостопанството, вработување на стручни лица кои ќе бидат носители на процесите на модернизација и реформи во овој сектор се со цел обезбедување подобри услови и можности за земјоделците како предуслов за поквалитетно производство на храна“, изјави Ѓорѓиев.

Во следните 30 дена ќе се одржат повеќе јавни дебати за да се дојде до соодветно законско решение кое ќе биде доставено до Собранието на Република Македонија.