Новоматик груп нов сопственик на хотелот Фламинго во Гевгелија

66

Австриската компанија Новоматик груп која е позната во светот на индустријата на игри е новиот сопственик на хотелот Фламинго кај Гевгелија. Менаџментот на компанијата соопшти дека станува збор за инвестиција вредна 20 милиони евра и најави нови дополнителни инвестиции во Македонија.
“Ние овде веќе имаме инвестиции од 40 милиони евра, но нашиот напор и нашата намера е тие да се зголемат за дополнителни седум милиони евра. Ова зголемување на инвестициите не се должи само на финансиите, туку и на зголемување на самиот пазар на индустријата за игри преку зголемен број на слот машини и други видови игри, како и на зголемување на бројот на вработените. Тоа е еден одржлив процес и се надеваме дека ќе го исполниме”, вели Франц Волфарт, главен извршен директор на Новоматик.
Пред присутните се обрати и амбасадорот на Австрија во Република Македонија, Томас Михаел Баер.
“Австрија е втора држава по инвестиции во Република Македонија. Сметаме дека оваа инвестиција на Новоматик е извонредна можност за Гевгелија, за Македонија, за самата компанија, но и за целиот регион. Една од целите на Австрија е да ја донесе Македонија поблиску до ЕУ затоа што мислиме дека тоа ќе биде важен чекор за целиот регион. Австрија од секогаш била наклонета кон развојот на економијата и инвстициите во Македонија во повеќе гранки како осигурувањето, телекомуникациите и енергетиката”, рече Баер.
Голем интерес предизвика и присуството на Андреас Николаус, односно Ники Лауда, поранешниот шампион во Формула 1 трките кој е бренд амбасадор на Новоматик.
“Никогаш не сум се коцкал, освен со животот како возач на Формула 1”, рече Лауда.
Тој денеска работи како претседател на Одборот за мотори во Мерцедес, а неговиот ангажамн во Новоматик, рече се должи на тоа што и двете фирми развиваат и користат врвна најсовремена технологија во своите области.
Австриски Новоматик е присутна во Македонија од 2008 година и ја сочинуваат четири одделни фирми. Во нејзин состав покрај казиното Фламинго хотел се и казината Адмирал и Астра, а поседува и повеќе од 30 клубови со слот машини во речиси сите градови во Македонија. Нејзините вкупни инвстиции во земјава во моментов изнесуваат 40 милиони евра и вработува илјада лица.
Новоматик е формирана 1980 година и вработува 20.000 луѓе ширум светот. Има свои производни погони и центри за развој на производи во Германија, Велика Британија и Чешка, Унгарија и Полска. Годишниот обрт во 2013 година на компанијата изнесувал 3,3 милијарди евра.