На почетокот на овој месец, Владата на Република Македонија го објави шестиот јавен повик за доделување концесија за користење на вода за електрична енергија за 80 мали хидроцентрали.
Од нив, 48 локации се групирани во 16 групи што значи дека еден инвеститор ќе треба да гради од две до четири хидроцентрали, а 32 се поединечно понудени. Периодот на концесија е 23 години, од кои три за изградба и 20 концесија за искористување на водата.
Право на учество на повикот имаат сите домашни и странски правни лица кои ќе ги исполнат бараните услови, а доколку се изградат сите предивени 80 мали хидроцентрали, вкупната инвестиција се предвидува да изнесува 170 милиони евра, а нивната инсталирана моќ да биде 63 мегавати.
Во шестиот повик заради зголемување на атрактивноста и процентот на реализација предвидена е промена на концептот за фидинг тарифи за малите хидроцентрали, а олеснет и поевтинет е и приклучокот на дистрибутивната мрежа.
“Со промената на концептот на фидинг тарифи се предлага модел со блок тарифа во зависност од инсталираната моќност на хидроелектричната централа. Централите ќе бидат групирани во неколку групи и може да се очекува кај помалите централи со моќност до 1,5 мегавати фидинг тарифата да се зголеми од 4 до 6%, додека кај некои кои се над 2 мегавати можно е и нејзино намалување”, појасни вицепремиерот Владимир Пешевски.
Пешевски додаде дека кај најголемиот број на хидроцентрали промената на концептот ќе значи зголемување на фидинг тарифата.
“Направени се измени и дополнувања на мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија на ЕВН Македонија, кои се одобрени од Регулаторната комисија за енергетика. Во нив е предвидена посебна глава за приклучок на малите централи во дистрибутивната мрежа, проблем со кој често се соочуваа инвеститорите, а намален е и трошокот за приклучување на мрежата”, рече Пешевски.
Тој посочи дека инвеститорите често се среќавале и со проблеми во имотно-правните односи, но, се уште се работи на тоа и нема ништо конкретно да се каже дека е направено.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми нагласи дека изградбата на малите хидроцентрали ќе значи подобрување на животната средина, намалување на климатските промени и зголемување на процентот на искористување на обновливите извори на енергија.
“Во соработка со ИФЦ е подготвена тендерската документација, моделот на договорот и веб порталот за малите хидроелектрични централи кој е вграден во сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање”, рече Адеми.
Во досега објавените пет повици за изградба на мали хидроцентрали низ Македонија потпишани се 67 договори, а целосно се изградени 14 мали хидроелектрани. Останатите се во фаза на градба.
Светска банка во Македонија има евидентирано вкупно 400 локации на кои може да се градат мали хидроцентрали.