Објавен тендер за изградба на пругата во двете фази од Куманово до Крива Паланка

81

Оваа година планирани се преку 200 милиони евра инвестиции само во патната инфраструктура. Продолжуваме со изградба на пругата кон Бугарија, со гасификацијата, со нови проекти во комуналната инфраструктура. Не чека долга и интензивна градежна сезона, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.  Tој заедно со заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, извршија увид на реконструкција на мост на регионалниот пат Куманово-Свети Николе.

“Слободно можеме да заклучиме дека градежништвото заедно со сетот на економски мерки што ги донесе Владата, успеавме да го амортизираме големото влијание од здравственета криза и како резултат на тоа успеавме да ги зачуваме работните места во градежните  компнии. Ни претстои долга градежна сезона каде инвестициите во инфраструктурата дополнително ќе ги засилиме. Продолжуваме со изградба на автопатите и експресните патишта, со 25 нови проекти во комуналната инфраструктура, со изградба на магистралните гасоводи, а  со стартот на градежната сезона започнуваме со рехабилитација на локалните улици и патишта, согласно динамиката предвидена со завршените тендерски постапки” изјави Бочварски.

Тој додаде дека објавена е тендерската постапка за изградба на пругата во двете фази од Куманово до Крива Паланка, за што во наредниот период се очекува да се избере изведувач за градежните работи.

Во однос на реконструкција на мостот, министерот Бочварски истакна дека ова е инвестција со која ќе се подобри безбедноста во сообраќајот.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, истакна дека реконструкција на мостот познат како Искрин Мост е значајна инвестиција на ЈП за државни патишта која се реализира после педесет години.

“Јавното претрпијатие за државни патишта од својот буџет издвои 1,9 милиони евра и минатата година на почетокот на јуни започна со санација на мостот. Досега комплетно се санирани 4 средни столба, а на 3 столба во моментов се врши санација. Исто така, паралелно се работи на зајакнување на двата главни и попречните челични носачи се врши таканареченото пескарење на носачите, зајакнување на одредени делови и нивна анти корозивна заштита“, изјави  директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.

До сега, преку ЈП за државни патишта, изградени и рехабилитирани се вкупно 11 мостови на државни патишта а во овој момент активно се работи на три мостовски конструкции.