Од 15 ноември задолжителна зимска опрема

Согласно новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, моторните возила и мобилните машини, кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март, задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.
Притоа, според Правилникот за задолжителна опрема:
1. Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg претставува:
Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4 mm или доколку возилото поседува летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4 mm да поседува синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.
2. Задолжителна зимска опрема на моторни возила со погон на сите тркала (4×4) претставува:
Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6 mm или летни пневматици со минимална длабочина од 4 mm, доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога возилото има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.
3. Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg претставува:
Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6 mm или доколку возилото има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4 mm, да поседува синџири за снег соодветни на големината на пневматиците.
Автобусите и товарните возила кои не можат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала како и прирачен алат.
Според Правилникот, зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, М&S, како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Исто така според Правилникот, во патниот сообраќај не се поставуваат пневматици со клинци.