Од 85 најголеми компании во Хрватска, 35 се во странска сопственост

45

1На листата на 85 најголеми компании коишто работат во Хрватска, 35 се во странска сопственост, 29 се во рацете на домашни претприемачи, додека 21 се државни. Водечките 85 компании имаат приход од 30,16 милијарди евра, а дури 50,1% од приходот го остваруваат фирмите што се во странска сопственост.

Листата со податоци на ФИНА од 2011 година, што неофицијално ја добил Пословни дневник, покажува дека 25,4% од приходите ги остваруваат домашните приватни компании, додека приходот на државните компании е 7,4 милијарди евра.

Во првите десет компании, шест компании и банки се во рацете на странски инвеститори (Ина, Хрватски Телеком, Природен гас, Загрепска банка, ОМВ Хрватска, Привредна банка Загреб и Ерсте банка), три се државни (Хрватско електростопанство и две негови фирми) и само една е во сопственост на домашен бизнисмен (Конзум).

“Не е важно кој е сопственик на најголемите компании, како ни дали се во странска сопственост. Клучно е прашањето дали странските инвеститори отвораат работни места и дали започнуваат гринфилд инвестиции. Во последните 20 години, во 80% од случаите стануваше збор за преземање на капитал или купување на пазарот за потребите на странските производи”, смета Младен Ведриш, професор на Катедрата за економски науки на Правниот факултет во Загреб. Економистот Љубо Јурчиќ, пак, коментира дека податоците покажуваат дека Хрватска не е способна да управува со сопствената економија, пишува Пословни дневник.