Од денеска ограничување на пловидбата на скутери и чамци по езерата

22

Од денеска стапува на сила ограничувањето за пловидба на скутери и чамци по водите на природните езера во Македонија. Забраната за движење е до 31-ви август, во периодот од 11 до 19 часот низ Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, јавува Миа.

Чамците пак, не смеат да пловат по езерските води од 21 до 05 часот. Првиот човек на Капетанијата Горан Устијаноски упати апел за почитување на ограничувањата и пропишаните правилници за пловење.

“Контролите се одвиваат рутински и секојдневно се апелира до сите наутичари нивните чамци да бидат регистрирани, да поседуваат уверение за пловидба и да се опремени со соодветна опрема пропишана со правилниците”, изјави Устијаноски.

Тој потсети дека за некои прекршоци може веднаш да се даде забрана, но доколку има недостатоци постои можност за советување и во одреден рок да ги отстранат недостатоците.

“Доколку тој рок не се испочитува, тогаш стапува во сила забрана за пловидба, но ако се продолжи со пловење и понатаму, се изрекува и глоба“, нагласи Устијаноски.

Ограничувањата за пловидба на скутерите се воведува за безбедност на капачите и на учесниците во пловидбата.