Од недела на Александар Велики по 141 летови неделно

24

Со летниот ред на летање што треба да стапи во сила во недела на полноќ на 30 март, Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) одобри 141 летови неделно, за 16 повеќе во однос на летната сезона во 2013, изјави директорот на АЦВ, Дејан Мојсовски.
Нова авиокомпанија со одобрение од АЦВ е Ал Италија која ќе оперира од мај со седум лета неделно на релацијата Скопје – Рим.
Од аеродромите Александар Велики во Скопје и Апостол Павле во Охрид, во редовниот сообраќај ќе бидат вклучени 14 авиопревозници, со директни авиоврски со 25 дестинации, односно Виена, Белград, Загреб, Истанбул, Љубљана, Цирих, Лондон, Малме, Гетенбург, Ајнхомен, Дортмунд, Мемингем, Базел, Венеција, Стокхолм, Брисел, Париз, Келн, Милано, Франкфурт, Рим, Берлин, Брисел, Цирих и Дубаи.
Најголем пораст, за 18 лета повеќе, во однос на летото во 2013, има авиокомпанијата Визер, на релациите Скопје – Брисел, Париз – Скопје, Келн – Скопје, Франкфурт – Скопје и Милано – Скопје. Германија флугеселшафт ќе има два лета повеќе во однос на минатата сезона на релацијата Скопје – Берлин. И Џетерфлај има еден лет повеќе, односно ќе лета четири пати на релациите Брисел – Скопје, Скопје – Брисел, Брисел – Охрид и Охрид – Брисел, информира Мојсоски.
АЦВ ги одобри и летовите во нередовниот воздушен превоз, но за нив бројката не е конечна. Според досега издадените решенија, од 10 јуни до 25 октомври годинава се предвидени по седум чартер лета неделно на релацијата Анталија – Скопје, двапати неделно Бодрум – Скопје од 27 јуни до 10 октомври, Дизелдорф – Скопје исто така двапати неделно од 2 април и до 25 октомври, како по еден лет Амстердам – Охрид од 12 мај до 29 септември и Анталија – Скопје и Анталија – Охрид.
Заклучно со февруари годинава операциите во воздушниот сообраќај од македонските аеродроми бележат раст за 7,9%. Кај скопскиот аеродором зголемувањето е за 8,5%, а кај охридскиот има намалување за 15,9%.