Познато е колку отпад се натрупува низ планетата, особен пластичен којшто нема да се разгради илјадници години, а ја загадува и животната средина. Затоа научниците со години се борат да се зачува животната средина и предупредуваат сè повеќе да се користи рециклирана пластика.
Некои компании насочени на архитектура и дизајн, во таа насока отидоа чекор напред.
Компанијата JDS architects и стартапот Othalo од Норвешка ги здружија силите и ја патентираа технологијата што овозможува производство на градежни елементи од 100% рециклирана пластика. Тие исто така склопија партнерство и со UN habitat.
Станува збор за upcycling технологија што овозможува повторна употреба на отпад и којашто може да го “поднесе“ големиот товар на урбанизацијата и потребата за градење, имајќи предвид дека останатите начини не се доволно ефикасни и одржливи. Компаниите се надеваат дека ќе успеат да ја прошират својата понуда и на мобилните објекти за складирање на храна и лекови, засолништа за бегалци и поголеми згради, како училишта и болници.
Според нивна пресметка, од пластичен отпад може да се направат милијарда куќи, а фокус ќе биде на изградбата на станови, посебно во субсахарска Африка.
Според статистичките податоци, скоро милијарда луѓе моментално живеат во сиромашни населби, а само во споменатата област потребата за поевтино домување е околу 160 милиони единици. Овој број се очекува да се зголеми на 360 милиони до 2050 година како резултат на брзата урбанизација.
Од друга страна, од 1950 година произведени се повеќе од девет милијарди тони пластика ширум светот, од којашто само 9% се рециклира.
Во наредните 18 месеци, стартапот од Норвешка планира да ја развие својата прва серија градежни елементи за евтини станбени единици, а за куќа од 60 метри квадратни потребни се осум тони пластичен отпад, којшто може да се рециклира. Како што најавуваат, масовното производство би требало да започне во 2022 година.
Фото: Othalo