Oд пролет продолжува изградбата на пругата кон Бугарија

27

80db1d77-e772-4d7c-ab84-665043770c92Проектната документација и финансиската конструкција за железничката делница Куманово – Бељаковце е целосно подготвена, а градежните работи се очекува да започнат во првиот квартал од следната година.

Ова го соопштил министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во рамки на посетата на Бугарија, на министерот за транспорт, информатички технологии и комуникации на соседната земја, Данаил Папазов.

Јанакиески информираше дека втората делница од пругата која треба да ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија, односно секцијата Бељаковце – Крива Паланка се очекува да започне со изградба во втората половина од 2015, а во тек е изготвувањето на детална документација за нејзината реализација.

Во однос на последната секција, од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, предвидено е целосната документација да биде подготвена со средства од фондовите на Европската Унија до крајот на 2016 година.

На билатералната средба беше договорено преку ресорните министерства да се аплицира за средства за проекти на железничкиот коридор 8, како проект кој е од заеднички интерес за двете држави.

Министерот за транспорт, информатички технологии и комуникации на Република Бугарија понуди поддршка во институциите на Европската Унија за обезбедување на средства за изградба на железничката делница од Крива Паланка до границата со Бугарија во програмскиот период 2014-2020 година.