Од први април либерализација на пазарот за електрична енергија

16

72E9FF67F335B24DA96F403721420890 Сите 222 квалификувани потрошувачи кои ќе бидат вклучени во либерализацијата на пазарот за електрична енергија се подговени за нејзиното започнување, кое се очекува да биде на 1 април 2014 година.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров, вели дека почетокот на либерализацијата нема да биде одложен по втор пат, бидејќи фирмите се подготвени за работа, пред почетокот на работилницата за Правилата за пазар на електрична енергија.
“Со оглед на динамиката со која работат сите учесници во процесот, сметам дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе се реализира на 1 април следната година. Целта на работилницата е на идните квалификувани потрошувачи да им се појаснат сите детали и да се разговара за сите нејаснотии за полесно да се прилагодат на новите услови на пазарот кои ќе следат по либерализацијата. Поради тоа Регулаторната комисија има изработено акциски план со динамика за неопходните средби”, изјави директорот Петров.
Тој додаде дека од 30 септември, па се досега се реализираат активностите по акцискиот план и досега се потпишани потребните протоколи и формулари со енергетските комапнии. Петров посочи дека внимателно се следи состојбата и проблемите кои можат да настанат со либерализацијата.
“Нема да дозволиме да има скокови на цената со електрична енергија, особено за домаќинствата и малите компании. Излегувањето од рамките на регулаторниот пазар на добар дел од потрошувачите секако дека ќе има влијание, но имаме симулации и можности кои ќе ни овозможат да го амортизираме ценовниот шок. Евентуалните ценовни шокови би значеле неуспешна или неправилно водена либерализација и би предизвикале проблеми во делот на снабдувањето со електрична енергија во целиот сектор”, објасни Петров.
Во Македонија во моментов има 47 трговци кои имаат лиценца за тргување со електрична енергија, а лиценца за снабдување има само компанијата ГЕНИ. За да се има либерализација на пазарот потребно е да се има минимум еден снабдувач.