Од први јануари цената на водата ќе ја утврдува Регулаторна комисија за енергетика

31

voda-cesma-pexels

Фото: Pexels

Од први јануари наредната година Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе биде надлежна за утврдувањето на цената и тарифите на водните услуги на јавните комунални претпријатија и водостопанствата коишто се производители на сурова вода во општините со над 10.000 жители, а од први јануари 2019 година за сите општини во Македонија, јавува Миа.

По тој повод денеска во Скопје се одржа јавна расправа на којашто се разгледуваа Предлог правилникот и Предлог методологијата за утврдување тарифи за водните услуги и сите засегнати можеа да достават забелешки и мислења. По јавната расправа ќе следува подготвителна седница на РКЕ на којашто уште еднаш ќе можат да се поднесат забелешки, а потоа правилникот и методологијата ќе бидат усвоени на седница на РКЕ.

“Делегирањето на надлежноста на РКЕ за утврдување на цените на водните услуги ќе значи воведување ефикасен систем на утврдување на цените и тарифите што ќе им овозможи на сите компании кои ќе достават барање и ќе користат тарифа да имаат предвидливи услови. Тарифата ќе треба да им ги покрива оперативните трошоци, амортизацијата и да им овозможи правилно насочување на сите средства во подобрување на инфраструктурата со крајна цел подобрување на квалитетот на услугите кои ги нудат на потрошувачите, како и достапни цени за сите потрошувачи на водата за пиење“, изјави претседателот на РКЕ Димитар Петров.

Тој посочи дека ќе има тарифи за сурова вода, за вода за пиење, за собирање и одведување на отпадните води и за прочистување на отпадните води кои ќе бидат составен дел на надоместокот што ќе го плаќаат граѓаните. Подоцна ќе се изработи и упатство за поднесување барање за тарифи за компаниите, а од РКЕ ќе им биде понудена помош во постапката за изготвување и комплетирање на барањата, бидејќи, како што кажа, станува збор за покомплицирана постапка од вообичаените.

“Компаниите треба да достават предлог тарифа, предлог на усогласување на тарифите и бизнис планови кои се составен дел на барањето за утврдување на тарифите. Нашата улога, за разлика од останатите регулирани цени на компаниите од делот на енергетиката, ќе биде поразлична. РКЕ ќе доставува решение за утврдување на тарифа во која се утврдува  и опсег на користењето на тарифите со плус и минус проценти во однос на  утврдената тарифа. Јавните комунални претпријатија имаат обврска сето тоа да го усогласат со советите на општините каде што ги даваат услугите и со градоначалникот“, појасни Петров.

За компаниите кои не се подготвени и не доставиле барање или, пак, не може да се усогласат со тарифите кои ги дала како предлог РКЕ, односно не донесат одлука, нагласи, регулаторот ќе има право да утврди регулаторна тарифа за водната услуга која ќе биде егзактна, единствена и извршна за компанијата која треба да ја применува.

Претседателот на РКЕ посочи дека уште не се направени анализи дали по преземањето на утврдувањето на цената на водните услуги од регулаторот ќе има поскапување или поевтинување на цената на водата за пиење.