
Според првите прелиминарни проценки, Еврозоната регистрираше дефицит од 1,9 милијарди евра во трговијата со стоки со остатокот од светот во јануари, објави денес Евростат.
Резултатот е малку помалку поволен отколку во јануари 2025 година, кога суфицитот изнесуваше 1,4 милијарди евра, се додава во извештајот.
Вредноста на извозот на стоки од Еврозоната кон остатокот од светот во јануари 2026 година изнесуваше 215,3 милијарди евра, што претставува намалување од 7,6 проценти на годишно ниво, додека увозот се намали за 7,3 проценти на годишно ниво на 217,2 милијарди евра, пренесува Танјуг.
Падот беше првенствено предизвикан од значителното намалување на суфицитот во секторот за хемиски и сродни производи, од 24,6 милијарди евра во јануари 2025 година на 16,7 милијарди евра во јануари оваа година.
Секторот за машини и возила, исто така, ослабе, а суфицитот во оваа област се намали од 5,6 на 1,6 милијарди евра.
Спротивно на тоа, енергетскиот сектор забележа подобрување, при што дефицитот се намали од 26,2 на 19,2 милијарди евра.
Во јануари оваа година, Европската Унија регистрираше дефицит од 5,9 милијарди евра во трговијата со стоки.
Вредноста на извозот на стоки од Европската Унија кон остатокот од светот во јануари изнесуваше 189,2 милијарди евра, што е за 10 проценти помалку во однос на истиот месец минатата година, додека вредноста на увозот во ЕУ се намали за 9,5 проценти на годишно ниво на 195,1 милијарди евра.
Дополнително, вредноста на извозот од Европската Унија кон Соединетите Американски Држави, кој е во центарот на вниманието поради царините на Трамп, се намали за 27,8 проценти на годишно ниво на 34,8 милијарди евра, а увозот од Соединетите Американски Држави за 1,48 проценти на 25,6 милијарди евра.
Како што произлегува од податоците, декемврискиот суфицит на Европската Унија во трговијата со САД изнесува 9,2 милијарди евра и е значително помал отколку во јануари 2025 година, кога изнесуваше 18,1 милијарди евра.
Новите податоци ќе бидат објавени на 17 април, според веб-страницата на Евростат.











