
Од Железничката станица Зелениково до Железничката станица во Скопје ќе се стасува за 25 минути, а од таа во Драчево за 11 до 13 минути со ремонтот на пругата во должина од 25 километри, прва фаза од проектот „Градски воз“, најави денеска Синиша Ивановски, директор на Јавното претпријатие „Железници Инфраструктура“, при увидот на ремонтните активности.
Ивановски соопшти дека почнати се и ремонтни активности на делницата од Драчево до Илинден, во должина од 7,7 километри, којашто ќе биде исклучиво за товарен превоз.
Работите за двете делници се очекува да бидат завршени за половина година. Договорот за ремонтот на делницата Драчево – Илинден, како што рече Ивановски, е три милиони евра, а 5,7 милиони евра е вредноста на реконструцијата од Зелениково до центарот на Скопје.
– Првата фаза на градски воз во должина од 24,5 километри ќе заврши за најмногу шест месеци, а втората деница од Драчево до Илинден, што е исклучиво за товарниот сообраќај, во должина од 7,7 километри ќе биде готова до Нова година, бидејќи е пократка, односно двете делници ќе бидат целосно оперативни за најмногу половина година. И двете се електрифицирани, што е важно затоа што дизел возовите нема да влегуваат во Скопје со Градскиот воз, туку ќе бидат исклучиво електрифицирани – изјави Ивановски.
Ивановски најави дека следната година ќе се проектира втората делница од Градски воз, од Волково до Скопската железничка станица, а во 2027 година и последниот дел, делницата Миладиновци – Илинден – Скопје.











