Одобрени 25,6 милиони денари на општина Гевгелија за инфраструктурни проекти

19

Гевгелија доби 25,6 милиони денари за реализација на два од трите проекти, со кои општината аплицираше на повикот за финансиска поддршка за развој на јавната инфраструктура.

Финансиската поддршка е доделена од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на Република Македонија.

Од одобрените средства 18,9 милиони денари ќе бидат употребени за доградба на патот Негорци-Сременин, за кој лани Владата преку Европската банка за инвестиции обезбеди околу 20 милиони денари за изградба на 4,5 километри, а општина Гевгелија обезбеди дополнителни 7,4 милиони денари за уште еден километар од патот.

Како што информираат од општина Гевгелија, 6,7 милиони денари се одобрени за изработка на урбанистички планови во двете најголеми населени места Миравци и Негорци и веднаш ќе биде поведена и постапка за јавна набавка и избор на најповолна понуда за изведба на проектите.