ОЕЦД: Светските централни банки да ја следат инфлацијата, а не војната

49

Глобалните централни банки треба да се фокусираат на борбата против инфлацијата и да ги остават владите да одговорат со трошење за да ги заштитат економиите од ефектите на војната во Украина, соопшти Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Групата со седиште во Париз проценува дека ефектите од конфликтот ќе го намалат глобалниот раст за повеќе од 1 процентен поен оваа година и ќе ја зголемат инфлацијата за уште 2 процентни поени од веќе високите нивоа. Според ОЕЦД, вистинската комбинација на економски политики е владите да ја прошират својата поддршка и централните банки да останат фокусирани на ценовните ризици.

„Чекорите кон нормализирање на монетарната политика мора да продолжат во развиените економии, иако со диференцирано темпо и со често преоценување како што се развива конфликтот“, велат од ОЕЦД. „Дополнителните привремени, навремени и добро насочени фискални мерки, онаму каде што е можно, ја обезбедуваат најдобрата политичка опција за ублажување на непосредното влијание“.

Коментарите следат по одлуката на Федералните резерви во средата да започне кампања за она што се очекува да биде агресивно зголемување на каматните стапки, при што претседателот Џером Пауел рече дека е свесен за потребата да се врати стабилноста на цените. Европската централна банка си даде повеќе можности да одложи кога може да почне да ги зголемува каматните стапки, иако ги откри плановите за прекин на нето-откупот на средства.

Симулациите на ОЕЦД покажуваат дека најзагрозен е растот во еврозоната. Многу европски влади веќе презедоа активности во согласност со фискалните препораки на организацијата со воведување насочена поддршка за компаниите и домаќинствата погодени од зголемените цени на енергијата.

„Сè уште не знаеме како ова ќе се развие целосно, но знаеме дека ќе му наштети на глобалното закрепнување и ќе ја поттикне инфлацијата уште повисоко“, рече Лоренс Бун, главен економист и заменик генерален секретар на ОЕЦД. „Владината политика има клучна улога во враќањето на дел од безбедноста и предвидливоста, кои што ги изгубивме“.

ОЕЦД проценува дека добро насоченото зголемување од 0,5% на фискалната потрошувачка во текот на една година меѓу нејзините 38 земји-членки би можело да надомести половина од проектираниот пад на производството во конфликти без да им отежне значително на централните банки да ја одржуваат контролата на цените.

„Инфлацијата ќе се зголеми и поради шокот од побарувачката, но во релативно ограничена мера“, велат официјалните лица.

Групата со седиште во Париз, која ја избрка Русија од учество во кој било од нејзините органи, требаше да даде поцелосни предвидувања, но се откажа од тоа поради неизвесноста што произлезе од последиците од војната. Во својот извештај, ОЕЦД нагласи дека помагањето на Украинците кои бегаат од конфликтот, исто така, доминира во владината политика.

„Околу 3 милиони луѓе ја напуштија Украина, а се очекуваат уште бегалци во наредните недели“, изјавија официјални лица. „Непосредните приоритети за трошење на владите вклучуваат трошоци за поддршка на бегалците во Европа“.