Официјално деби за новата генерација на Honda HR-V

10

Honda официјално ја претстави третата генерација на својот HR-V кросовер во Јапонија, а автомобилот пристигнува со промени на екстериерот и ентериерот.

Новата Honda HR-V ја доживеа својата премиера, а јапонската марка го прикажа новиот изглед на глобалниот модел. Промените во стилот и дизајнот се воочливи на прв поглед, а благодарение на почистиот дизајн, HR-V сега добива еден позрел изглед. Третата генерација делува и поатрактивно во однос на претходно, а на предната страна доминира големата решетка со вертикални летвички без рамки која се претопува со браникот и е опкружена со потенки фарови со LED дневни светла кои формираат визуелна конекција благодарение на хромираната лента поставена над решетката.

Кога ќе се погледне од страна, новата Honda HR-V не делува многу поразлично во однос на својот претходник, а покривната линија во купе стил продолжува и во новата генерација. Новиот HR-V го задржува трендот на „скриени“ рачки на задните врати, монтирани блиску до C-столбовите, а двојниот панорамски покрив дава чувство на поголема пространост во кабината. Над сводовите од тркалата се наоѓаат пластични облоги за заштита, а кросоверот, зависно од нивото на опременост, е поставен на 16 или 18-инчни тркала.

На задниот дел, новата генерација на кросоверот на Honda го прифаќа се попопуларниот тренд меѓу производителите и автомобилите и добива задна светлечка LED лента која се протега од еден крај на друг. Сините акценти на Honda логото и EHV беџот на задниот дел истакнуваат дека станува збор за хибриден погон.

Ентериерот исто така е променет, а сега тука е поставен 9-инчен екран од инфозабавниот систем. Уште еден дизајнерски тренд кој може да се забележи кај останатите автомобили е имплементиран во внатрешноста на HR-V, каде постои еден голем отвор за вентилација кој се протега низ целата контролна табла. Познатите Magic Seats на Honda исто така се наоѓаат во кросоверот.

Останатите детали како што се димензиите или погонот на автомобилот не се објавени, бидејќи Honda подготвува посебна премиера за европскиот пазар. Кога станува збор за Јапонија, HR-V или Vezel како што е пласиран на тој пазар, ќе започне со продажба во април, а глобалното лансирање е закажaно да се одржи нешто подоцна оваа година.

Преземено од Avtoplus.mk