Официјално доделени наградите Златно Тркало

35

Наградите за најпосакуван автомобил во Македонија според изборот на „Златно Тркало“ синоќа беа и официјално доделени на настан на кој присуствуваа голем број претставници на автомобилската индустрија во нашата земја.

Изборот и гласањето, кое траеше од 15 до 28 февруари, одамна е завршено и беа прогласени се најпосакуваните автомобили во пет различни категории. Официјалната манифестација на доделување на наградите за лауреатите првично требаше да се одржи во април, меѓутоа поради добропознатата здравствена ситуација во светот и кај нас, истата беше неколкукратно одложувана, за конечно синоќа, во ресторанот Рагуза 360, со следење на сите пропишани мерки и протоколи во битката против коронавирусот, да бидат доделени официјалните награди.

Како потсетување за победниците, во категоријата на најпосакуван електрифициран автомобил победи Toyota RAV4, во категоријата на најпосакуван семеен автомобил како победник е прогласен Hyundai Elantra. Во категоријата на градски автомобили за најпосакуван е прогласен Volkswagen T-Cross, додека во бизнис класата за најпосакуван е прогласен Seat Tarraco. Главната награда за најпосакуван автомобил во нашата земја е прогласен Range Rover Evoque.

Наградите ги подигнаа претставниците на официјалните импортери и застапници на брендовите кои беа лауреати на првиот Национален избор за најпосакуван автомобил во Македонија.

Авто Плус како иницијатор и еден од организаторите на овој настан уште еднаш им честита на победниците во првиот национален избор за најпосакуван автомобил „Златно Тркало“.

Преземено од Avtoplus.mk