Официјално претставен електричниот Mercedes EQA

33

Mercedes официјално го претстави EQA, својот најмал електричен автомобил досега и влезен модел во поставата на EQ.

Базиран на Mercedes GLA, новиот EQA дебитира во форма на базичниот EQA 250 кој користи електричен мотор со 190 КС и 375 Nm вртежен момент, додека погонот е на предните тркала и користи 66,5 kWh литиум-јонска батерија. Најмалиот електричен автомобил на компанијата се уште го нема комплетирано WLTP тест циклусот, но од Mercedes велат дека EQA 250 нуди опсег на движење од 426 километри со полна батерија.

Секако, по претставувањето на EQA 250 ќе пристигнат и повеќе варијанти на новиот компактен електричен кросовер. Германскиот производител истакна дека “работи на цело семејство на EQA модели“ кои ќе понудат опции со погон на предните и сите четири тркала, моќност од над 270 КС кај “знаменосецот“ во понудата, како и специјална верзија со автономија на движење од над 500 километри според WLTP циклусот.

Како што се очекува, Mercedes EQA ја споделува истата каросерија како и GLA, со тоа што новиот електричен модел се карактеризира со црн панел наместо решетка, нови Full LED предни светла, нови LED задни светла кои сега се споени со LED светлечка лента, нови браници, како и нови дизајни за тркалата од лесна легура. Со оглед на тоа дека станува збор за EQ модел, на автомобилот ќе можат да се сретнат и неколку сини акценти и детали.

Ситуацијата е слична и во внатрешноста. Новиот EQA го користи истиот изглед на централната конзола како и GLA, со тоа што разликата е во различните трим елементи и светлечки ефекти. Двата 10,25-инчни екрани се опционални, а како стандард пристигнува парот од 7-инчни екрани.

Инфозабавниот систем се карактеризира со Navigation with Electric Intelligence систем кој е способен да ја одреди најбрзата рута со станици за полнење и може да реагира динамично на промени, како што се застоите во сообраќајот. Освен тоа, со Mercedes me Charge, купувачите ќе имаат пристап до мрежа од 450.000 AC и DC полначки места низ 31 земја, вклучително и Ionity мрежата.

Новиот Mercedes EQA пристигнува и со 11 kW onboard полнач како стандарден и може да се полни со максимална моќност од 100 kW на брзополнечките станици. Од Mercedes велат дека кога електричниот кросовер е приклучен на DC брз полнач, батеријатa на EQA од 10 до 80 проценти се полни за околу 30 минути.

Помоќните варијанти на EQA кои ќе пристигнат подоцна ќе добијат и втор електромотор на задната осовина, со што моделот ќе добие и погон на сите четири тркала. Новиот EQA исто така пристигнува и со цела низа на безбедносни и системи за асистенција на возачот.

Продажбата на новиот Mercedes EQA ќе започне во Европа оваа пролет, а цените на домашниот пазар во Германија ќе стартуваат од 38.540 евра, вклучително со локалните попусти и олеснувања.

Преземено од Avtoplus.mk