Охридска банка прокнижи добивка од 370,4 милиони денари за девет месеци

56

ohridska banka

Кумулативниот реализиран финансиски резултат за периодот од 01.01.2015 до 30.09.2015 година, изнесува 370,4 милиони денари и споредено со третиот квартал за 2014 година, бележи зголемување од 185,6 милиони денари, односно 100,5%, стои во Коментарот за остварените резултати на Охридска банка Сосиете енерал.

Нето приходите од камати на крајот од третиот квартал од 2015 година изнесуваат 731,4 милиони денари и бележат пораст за 86,3 милиони денари, или 13,4%, споредено со остварените нето приходи од камати во истиот период минатата година и се резултат на подинамично намалување на каматните расходи споредено со намалувањето на каматните приходи.

Приходите од камати бележат намалување за 1,4% како нето резултат од намалените каматни приходи по основ пласмани во хартии од вредност поради променетиот начин на аукцирање од страна на НБРМ, намалени приходи од камати од кредити на компании поради намалените каматни стапки, додека истовремено каматните приходи од кредити на физички лица и пласмани во банки и Народна банка се зголемени како резултат на зголемената состојба.

Каматните трошоци бележат намалување за 21,9% како нето резултат од намалените каматни трошоци за депозити на клиентите, додека во исто време трошоците по основ камати за финансирање од меѓународните финансиски институции се зголемени поради зголемување на состојбата на искористеност.

Во анализираниот период, нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 190,9 милиони денари и во однос на истиот период од 2014 година се зголемени за 31,9 милиони денари или 20,06%. Приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 41,5 милиони денари, пред сè поради порастот на комерцијалните активности, додека трошоците за провизии и надоместоци се зголемени за 9,6 милиони денари, износ во кој се вклучени зголемени провизии за картички и повисоки трошоци за провизии во домашниот платен промет кои произлегуваат од зголемените комерцијални активности на Банката.

Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 76,4 милиони денари и се зголемени за 18 милиони денари, или 30,9% во споредба со истиот период минатата година.

Другите приходи изнесуваат 86,3 милиони денари, во кои е вклучена реализираната капитална добивка од продадени преземени средства за наплата на побарувања, капитална добивка од продадени основни средства и приходи по дивиденда од капитални вложувања.

Вкупните оперативни трошоци во периодот јануари – септември, споредено со истиот период претходната година, се намалени за 480.000 денари, на кое влијание имаа пониските трошоци за изнајмување и одржување, за амортизација, осигурување депозити, провизии и аутсорсинг, патувања и превоз.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето основа на крајот од третиот квартал на 2015 год. изнесува 171,4 милиони денари споредено со 143,5 милиони денари за третиот квартал од 2014 година, во кој износ беше вклучен поголем износ на наплата минатата година.