Охридска банка со добивка од 238,5 милиони денари во 2019-та година

27

Охридска банка, во периодот јануари – декември лани, прикажа добивка од 238.543.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Една година претходно, банката оствари добивка од 577.200.000 денари.

“Нето приходите од камати на крајот од 2019 година изнесуваат 1.109 милиони денари и во однос на минатата година се намалени за 61,8 милиони денари или за 5,3% со реализација на планот од 92,6%. Реализацијата на нето каматните приходи во најголем дел е под влијание на значителниот пазарен притисок, а со тоа и пад на активните каматни стапки за кој пазарните услови не дозволуваат истиот да биде соодветно компензиран на страната на изворите на средства“, стои во Коментарот за остварените резултати.

Нето приходот од провизии и од надоместоци, во износ од 334,2 милиони денари, како што се наведува, е зголемен за 18 милиони денари или за 5,7% во однос на минатата година и 6,3% над планираниот износ.

Приходите од провизии и  надоместоци бележат посилен раст од 39,2 милиони денари, со позитивен придонес на провизиите од платните системи, провизиите од услугите кај кредитните производи, издадените гаранции, картичното работење, новововедените производи како пакетите, електронското и мобилното банкарство, додека зголемувањето на трошоците за провизии и за надоместоци е за 21,2 милиони денари во однос на претходната година, на што поголемо влијание имаа активностите поврзани со картичното работење и управувањето со готовина.

Фото: Pexels