ОКТА ги задржа најдобрите практиканти – програмата продолжува со нови студенти

23

ОКТА продолжува со практикантската програма, нови 11 студенти во следните три месеци ќе имаат можност да стекнат вредни практични знаења од различни сектори. Дел од првите практиканти во ОКТА и понатаму ќе ја продолжат својата професионална обука во компанијата.

„Практикантската програма е исклучително корисна за двете страни, а искуствата секогаш се позитивни. Студентите што ја поминаа програмата сега поседуваат нови знаења и вештини кои ќе им помогнат да започнат сопствени професионални кариери, а ОКТА наиде на исклучително едуцирани студенти со потенцијал што одговара на потребите на компанијата. Соодветно на нашата стратегија продолжуваме во континуитет со оваа програма за да им дадеме шанса на што повеќе студенти да искусат вистинска практични работа, како и можност за вработување во голема компанија како што е ОКТА“, изјави Радојка Х. Денковска, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА.

Целта на оваа програма е да им овозможи на студентите да научат за практична примена на стекнатите знаење и искуство со кое ќе станат поконкурентни на пазарот на труд.

„За време на тримесечното искуство во ОКТА ми беше дадена можност да бидам инволвирана и да работам на многу тековни процеси, за кои дотогаш имав само теоретско познавање. На тој начин добив целосна претстава за функционирањето на една вака голема компанија. Се стекнав со нови знаења, учествував во конкретни проекти, а несебичната поддршка која ја добивав од вработените ме мотивираше  уште повеќе да придонесувам за успешно работење на компанијата. Сигурна сум дека ова искуство многу ќе ми користи за понатамошниот развој на мојата лична кариера“, изјави Моника Улер Зефиќ, една од практикантите.

Програма се одвива во тримесечни циклуси, a изборот на студентите е од осум факултети кои се блиски и сродни со оперативните сектори и дејности на ОКТА, и тоа од Универзитетот Свети Кирил и Методиј, како и од Универзитетот Американ Колеџ.

Практикантите ќе бидат ангажирани во текот на целото работно време во различни оперативни сектори на компанијата. ОКТА ќе им исплаќа награда, а воедно ќе им обезбеди на практикантите и превоз и храна за времетраењето на праксата. Практикантската настава е составен дел од бизнис стратегијата на ОКТА, која ќе продолжи да се применува и во иднина.