ОКТА и УКИМ потпишаа меморандум за стипендирање студенти

9

ОКТА трета година по ред ќе додели целосни стипендии за постдипломски студии на десет студенти од УКИМ. Стипендирањето ќе се спроведе согласно Меморандумот за соработка кој денеска го потпишаа компанијата и Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Целта на оваа активност на ОКТА е да ги поттикне успешните и амбициозни студенти да го надградат своето знаење во меѓународно просперитетни области.

“Среќни сме што оваа активност прерасна во традиција, имајќи предвид дека ОКТА за период од три години поддржа вкупно 30 студенти на УКИМ. Со оглед на големиот број настани што се случуваат секојдневно, се надеваме дека доделувањето 10 стипендии иако не е голема вест, сепак претставува чекор кон значајни достигнувања. Веруваме дека ако успееме да им помогнеме на 10 млади луѓе и доколку успееме да го направиме нивниот живот малку полесен и попредизвикувачки, тогаш потпишувањето на Меморандумот со УКИМ денеска има уште поголемо значење за нас. За ОКТА, ова е добра вест. И во иднина како компанија остануваме посветени пријатели на младите талентирани и амбициозни луѓе во државата“, изјави Јанис Геруланос, Главен извршен директор на ОКТА.

Стипендиите се наменети за студенти на пет факултети од УКИМ. Компанијата ќе додели по две стипендии на студентите кои ќе се запишат на Економскиот факултет, ПМФ – Институт за хемија, Машинскиот факултет, ФЕИТ и на Технолошко-металуршкиот факултет. Според условите и критериумите дефинирани во овој меморандум, право на добивање стипендија имаат кандидатите кои ќе се пријават за втор циклус едногодишни студии, за учебната 2019/2020 година, во првиот уписен рок, на веќе отворениот конкурс на УКИМ.

“Соработка со светот на бизнисот на локално, регионално, национално и меѓународно ниво, потребите на релацијата универзитет – општество, а посебно поврзаноста со стопанските фактори е една од стратегиските цели на нашиот универзитетот, но истовремено и предизвик со кој се сретнуваме не само на националниот, туку и на заедничкиот европски пазар на образованието, трудот и иновациите“, рече проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ.

Со потпишувањето на меморандумот се продолжува повеќегодишната соработка меѓу Универзитетот и ОКТА, која се одвива преку реализирање на редовната програма за практиканти, како и поддршката на компанијата на различните активности поврзани со унапредување на наставно – образовните процеси на најстариот универзитет во државата.