Окта оствари уште еден последователен позитивен квартал

21

okta1

ОКТА оствари уште еден последователен позитивен квартал при што клучен двигател е зголемената продажба на домашниот и странскиот пазар, заедно со поволните меѓународни цени и оперативните активности од првиот квартал од 2016 година, како и оптимизацијата на синџирот на снабдување. Растот на пазарот забележан во текот на последните девет месеци од 2015 година, се чини дека досега не е под влијание на неодамнешното комплексно политичко опкружување.

Оттука, прилагодената ЕБИТДА достигна 102 милиони денари, највисоко ниво во последните пет години, додека пак профитот пред оданочување достигна 17 милиони денари, во споредба со загубата од  33 милиони денари во првиот квартал на 2015 година. Резултатот ќе беше за 20 милиони денари подобар доколку немаше разлика во трендот помеѓу домашните малопродажни цени и цените на меѓународниот пазар. Горенаведените позитивни резултати го зајакнаа слободниот готовински тек на компанијата и придонесоа одржување на готовината на повисоко ниво во однос на банкарските кредити за околу 853 милиони денари, што е доволно да ги покрие планираните годишни капитални трошоци, како и исплатата на дивиденда предложена за наредното Генерално Собрание.

Во рамките на општествено одговорната практика на компанијата, изминатиот период беше обележан со иницијативи, развиени за да постигнат мерлива социјална промена. Во таа насока, двегодишниот придонес во националната општествено одговорна кампања Шанса за Живот беше успешно завршен, обезбедувајќи видлива позитивна промена во одделот, единствен по својата намена во земјата. Преку својата опсежна Програма за практиканти, ОКТА уште еднаш им даде можност на младите професионалци дополнително да го развијат своето академско знаење и да стекнат единствено искуство.

Менаџментот на ОКТА внимателно ја следи моменталната променлива средина и со проактивно планирање, постојано има за цел непрекинато да го снабдува пазарот во земјата и да ги надградува своите инсталации.