
Претседателот на BMW AG, Оливер Зипсе, е прогласен за највлијателна личност во глобалната автомобилска индустрија за 2026 година.
Меѓународното жири на изборот за Светски автомобил на годината (WCOTY) составено од 98 члена го препозна неговото влијание врз глобалната автомобилска индустрија.
Зипсе ја водеше компанијата низ период на силни промени. Додека некои конкуренти изгубија милијарди во трката за електрификација, BMW успеа да ја одржи стабилноста и профитабилноста.
Стратешка одлука што го промени правецот
Од самиот почеток, Зипсе се залагаше за стратегија на технолошка отвореност. BMW не се откажа одеднаш од моторот со внатрешно согорување, туку паралелно развиваше електрични возила и plug-in хибриди.
Денес, фабриките на BMW можат да произведуваат електрични, хибридни и конвенционални модели на истите производствени линии. Таквата флексибилност овозможува брзо прилагодување на пазарните трендови и побарувачката на клиентите.
Според Форбс, токму овој избалансиран пристап му обезбеди на BMW силна финансиска позиција во период на големи превирања во автомобилската индустрија.
Долга кариера во BMW
Оливер Зипсе се приклучи на BMW во 1991 година. Својата кариера ја изградил низ областите на развој, производство и корпоративна стратегија, а управувал и со фабрика во Оксфорд, Обединето Кралство.
Тој застана на чело на компанијата во 2019 година, по што реализира една од најголемите технолошки транзиции во историјата на BMW Group.
Почесниот претседател на WCOTY, Јенс Мајнерс, истакна дека BMW е финансиски посилен денес отколку пред почетокот на неговиот мандат, особено пофалувајќи ја доследноста и долгорочното размислување што го карактеризираат лидерството на Зипсе.











