Цените на нафтата паднаа на светските берзи минатата недела поради брзото ширење на омикрон сојот на коронавирусот, бидејќи сè повеќе земји повторно воведуваат рестриктивни мерки, што може да ја ослабне побарувачката на нафта.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 2,6 отсто, на 73,52 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 1,3 отсто на 70,86 долари.
Падот на цената на нафтата е последица на загриженоста на трговците бидејќи во светот рапидно расте бројот на заразени со омикрон. Во Данска, Јужна Африка, Велика Британија и некои други земји, бројот на нови случаи се удвојува на секои два дена.
Затоа, сè повеќе земји, меѓу кои Британија, Холандија и Данска, повторно воведуваат рестриктивни мерки во пресрет на божиќните празници. Меѓутоа, во Соединетите Држави, брзото ширење на омикрон доведе многу компании да ги одложат плановите за враќање на работниците во нивните канцеларии.
„Пораките за претпазливост и предупредувањата за новиот бран на ковид се погласни како што се приближуваат празниците кон крајот на годината, расипувајќи го расположението на пазарот. Цените на нафтата би можеле да стагнираат во следните неколку недели во скромна празнична трговија“, рече Вандана Хари од Vanda Insights.
Поради омикрон, некои влади воведоа ограничувања за патување за да го спречат ширењето на вирусот.
„Широките рестрикции се сигурен знак за нови неволји“, рече Тамас Варга од нафтено брокерско друштво PVM, според Ројтерс.











