On line податоци за слободните градежни парцели во Македонија

24

Сите потенцијални и заинтересирани инвеститори ќе имаат прилика on line од било која земја во светот да можат да добијат податоци за слободни градежни парцели во Македонија, по која цена се продаваат, како и адресата и точната локација, информираа денеска портпаролот на Влада, Александар Ѓорѓиев, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славе Трпевски.

За регистрите што за таа намена ги подготвува Агенцијата за катастар на недвижности, Владата усвои акциски планови. Целта е на едноставен начин од едно место брзо и со нула трошоци да се понудат податоци за потенцијалните инвеститори, граѓаните и институциите.

“Ќе бидат евидентирани сите парцели, целокупното градежно земјиште, податоци што е предвидено да се гради на тоа земјиште, а доколку не е предвидено податок дека е слободно, ако е предвидено што да се гради ќе бидат внесени параметрите до која висина, на каков габарит, на каква површина“, рече Ѓорѓиев, кој нагласи дека на тој начин ќе може да се добие впечаток за целокупната состојба на градежното земјиште на Македонија.

Ова ќе биде особено важно за политиката за привлекување странски инвеститори бидејќи ќе можат на едноставен начин да проверат каде има слободно градежно земјиште и сите потребни информации.

Регистарот на градежно земјиште треба да профункцинира најдоцна до првиот квартал следната година. Неговата имплеметација ќе чини половина милион евра, што ќе бидат одвоени од буџетот.

“Регистарот ќе ги содржи цените за сите продажби и закупи на недвижностите, како и дополнителните податоци за недвижностите, како што се година на градба и на реконструкција, материјал на градба, микро, макро локација, близина до јавни објекти, достапност до струја, вода, гас“, рече Трпески, која нагласи дека истиот ќе биде достапен за пошироката јавност и ќе овозможи транспарентност на пазарот на недвижности.

“Во тек се активности за потпишување меморандуми за соработка со НРМ, УЈП, Град Скопје, Државен завод за статистика, Управа за водење матилни книги, Комора на проценители…, кои ќе бидат вклучени во имплементација на регистарот. Агенцијата работи и на дефинирање на прашалник за податоците на недвижностите коишто ќе треба да ги пополнат граѓаните и компаниите кои ќе извршат промет со недвижностите, односно ќе ги издават под закуп“, рече Трпески.

Адресниот регистар најпрво ќе се воведе како пилот проект на подрачјето на Скопје, а треба да биде воспоставен до декември 2016 година.