On line следење на готовинскиот промет ќе ја намали даночната евазија за 25%

20

Системот за on line следење на готовинскиот промет во земјава би требало да ја намали даночната евазија за 25%. Во овој систем, што стартуваше во земјава, досега се регистрирани 28 фискални апарати со GPRS уреди.

Префрлувањето на овој систем ќе трае до 31 јануари 2015 година, а ќе се одвива во две фази. Во првата фаза, како што појасни директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски, ќе бидат опфатени големите даночни обврзници кои во минатата година имале промет со 10 милиони денари, како и бензиските пумпи и угостителските објекти кои имаат обврска да се поврзат со системот до 31 октомври годинава, а останатите до 31 јануари 2015 година.

“Верувам дека целиот процес ќе биде заокружен и да бидат сите онлајн поврзани во овој рок и очекуваме со воведувањето на системот 20% до 25% од придобивките на дисциплината и на даноците кои произлегуваат од регистрација на прометот“, рече Трајковски.

Во првата група влегуваат 8.989 даночни обврзници кои поседуваат 26.679 фискални апарати, а во втората фаза се вкупно 39.685 даночни обврзници со 52.975 фискални каси.

Компаниите во земјава на располагање, во овој момент, имаат девет фискални апарати од тројца производители, а 12 се во фаза на регистрација. Трошоците за набавка на новите фискални апарати ќе се сметаат за расход и ќе ги преземе Буџетот на Република Македонија.

Системот кој се користи е најсовремен и обезбедува сигурност и доверливост на информциите.

Србија, Хрватска, Бугарија, Албанија и Косово се земји од регионот што веќе вовеле ваков систем за следење на готовинскиот промет.