Опсервација

25

elementary

Фото: Facebook

Викендов се навлеков на една телевизиска серија Elementary. Екранизирана, модерна верзија на фантастичниот и генијален детектив Шерлок Холмс, карактер измислен уште во 19 век од Сер Артур Конан Дојл. Шерлок е „консултант детектив“ и им помага на полицијата во Њујорк да ги решат криминалните случаи, убиства. Тој се карактеризира со посебни особини и вештини кои ги развил на ниво на генијалност. Неговиот начин на размислување е тоа што го прави посебен. Тој употребува, како што го нарекува „Deductive (logical) reasoning“ (слоб. превод дедуктивно/логично заклучување), како процес за донесување на своите заклучоци. Во суштина, тоа претставува логичен процес во кој заклучоците се донесуваат врз основа на поврзани детали што се претпоставува дека се точни.

Ако сакате да дознаете повеќе за овој начин на размислување, може да побарате повеќе информации на интернет. Но, она што мене ми остави посебен впечаток, а е огромен дел од неговата успешност во решавање на невозможните случаи, е неговата особена моќ на опсервација и забележување на најситните детали.

Најголем дел од заклучоците што ги донесува, се засноваат на поврзување и на влегување во суштината на секој детаљ што ќе го забележи на местото на злосторот. А, голем број од другите детективи, понекогаш и не можат ни да замислат таква поврзаност на деталите.

Гледаш, но не опсервираш

                                            Шерлок Хомс

Да опсервираш или да знаеш да набљудуваш, значи да забавиш, да бидеш подготвен дека ќе треба да посветиш повеќе време на деталите (особено на оние кои другите не ги забележуваат) и не само да ги согледуваш, туку и влегуваш во нивната суштина.

Денес, токму ова е проблем, да функционираш така во нашево опкружување и секојдневие. Додека разговараме, нашиот мозок постојано некаде патува и мисли, брза негде да стигне, како побрзо да заврши, дека треба да почне друга работа. Ова е исто како за на работа, така и за дома.

Многу често се случува на настани за вмрежување или некој друг собир, луѓето да се среќаваат и да се запознаваат, а после неколку минути сме заборавиле како се вика соговорникот или која му беше фирмата. Можеби, ако сте слушале, гледале, опсервирале подобро, ќе сте направеле некоја соработка.

Со цел да бидете подобри во обсервацијата, треба да работите на развој на овие две вештини:

  1. Фокус (за подобро забележување на детали)
  2. Меморија (за складирање на тие информации)

Со цел за јакнење на фокусот, најважно што треба да се направи е да бидете присутни, овде и сега (премногу непотребни мисли нè преокупираат цело време).

Вежби за фокус

  • Додека гледате некоја емисија или шоу на ТВ, пробајте намерно да го менувате вашето внимание, од емисијата до тотално исклучување од неа. И тоа да го правите на секоја една минута. Преку ова ќе ја развиете вештината за забележување на разликите и со тоа ќе станете подобри во менаџирање на вашето внимание.
  • Фокусирајте се на сите сетила додека работите некоја важна работа или водите некој состанок.
  • Препознајте ги оние детали (информации) што се важни и одвојте ги од оние што ви го трошат времето и меморијата.
  • Гледајте слики со разлики. Најдете ја скриената разлика, детаљ што го има на едната, а го нема да другата слика.
  • Визуелизирајте во детали како изгледа вашата соба дома или канцеларија или градинката на вашето дете.

Ако сакате да ја развиете и вашата меморија, одете на интернет и најдете еден куп техники за развој на меморијата.

Корисни линкови:

http://articles.mercola.com/sites/articles/archive/2014/04/24/memory-improvement-tricks.aspx

http://zenhabits.net/11-ways-to-expand-your-mind-and-recover-from-brain-rot/

Сите информации што ги складираме (во нашата меморија) ни доаѓаат од тоа што ние го перципираме со нашите сетила (вид, слух, допир, мирис, вкус). Сите нив треба максимално да ги употребиме, со цел подобро да ги сфаќаме деталите и донесуваме подобри одлуки во работата и во животот.

Со успех во промените.