ОРМ: 80% од македонските компании се микро претпријатија

46

liВо просториите на ЕУ Инфо центарот, денеска се одржа почетната конференција за проектот Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија, финансиран од ЕУ.

Целта на проектот е да ја подигне конкурентноста на МСП и прагматично да придонесе во имплементацијата на националните стратешки документи за конкурентност. Проектот ќе придонесе за постигнување на конкурентска одржлива предност на извозот на прехранбено-преработувачката индустрија и ќе им помогне на МСП во интернационализацијата, подигање на извозниот капацитет и можности. Конкретните бенефити од проектот за фирмите – учеснички ќе биде директната експертска поддршка во подготовката на извозната процедура и документација и други поврзани извозни активности (анализи, нови пазари, контакти со дистрибутивни мрежи и сл.).

Во конкретните резултати ќе се вбројат: Бизнис анализи за извозните можности на регионалните пазари за прехранбено-преработувачката индустрија, обуки за извоз на МСП и за техничката подготвеност, нови вештини и знаења за извоз; интерактивна веб платформа за извоз и мобилна апликација; демо мали проекти за извоз на селектирани производи од прехранбено-преработувачката индустрија. Проектот има иновативен пристап и ќе ја зајакне поддршката при извоз на конкретни производи, со што ќе овозможи директен бенефит за вклучените МСП.

“Потребата да се иницира еден оваков проект, е директен одговор на практичните барања на МСП во делот на подршката на нивните извозни активности и раст на глобалниот пазар. Се надеваме дека еден оваков мал проект ќе покаже доволно добри практики за прошитување на вакви и слични активности на национална основа“, истакна м-р. Розалија Карчицка – Василевска – тим лидер на проектот.

“Микро, малите и средните претпријатија имаат значајна улога во македонската економија. Скоро 80% од регистираните компании во Македонија се микро претпријатија до 10 вработени. Ако на нив се додадат оние од 10 до 20 вработени нивното учество се зголемува на 83,6%, а заедно со малите и средните претпријатија зафаќаат дури 97,8% од сите регистирани претпријатија.

“Иако многу често се истакнува нивната улога, во пракса скоро да немаме мерки и активности со коишто ќе го олесниме нивното работење или ќе ги ослободиме од одредени обврски што ги имаат исто како и големите претпријатија.  Со овој проект  ќе ги зајакнеме нивните капацитети во производството, маркетингот и излезот на странските пазари, ќе ја зголемиме нивната конкурентска моќ со што ќе го осигураме нивниот опстанок и иден развој”, истакна  Aнгел Димитров – претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Проектот Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија, финансиран од ЕУ, во следните 24 месеци ќе биде спроведуван од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) и Институтот за динамичен развој СФЕРА-НОВА.