ОРМ подготвува предлог за измени на законите за извршување и за нотаријат

20

orm_logo

Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) формираше работна група чија задача ќе биде да состави предлог измени и дополнувања на Законот за нотаријат и на Законот за извршување, стои во соопштението.

Работната група е составена од искусни професионалци од бизнис секторот кои, сумирајќи ги искуствата и последиците од примената на некои спорни одредби од овие закони, ќе состават конкретен предлог, кој по консултација со Стопанските комори и останатите социјални партнери во Економско – социјалниот совет, ќе биде меѓу првите предлози што ќе бидат доставени до новата Влада и Собранието на разгледување и усвојување.

“Со неколку спорни одредби во законите кои ја регулираат нотарската и извршителската дејност, кои стапија во сила од почетокот на оваа година, неправедно им е оневозможено на правниците кои работат во компаниите да ги застапуваат интересите на своите компании, затоа што со овие закони тоа право им беше ексклузивно дадено само на адвокатите. На ваков начин, не само што неоправдано се фаворизираат адвокатите, на сметка на правниците во компаниите, туку и директно се зголемуваат трошоците на компаниите што влијае на намалување на нивната конкурентност на пазарот“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, напоменувајќи дека во организацијата веќе пристигнуваат информации од членки кои соочени со зголемување на трошоците заради ангажирање адвокати, се приморани да размислуваат и за отпуштање на вработени од нивните правни служби и покрај тоа што се работи за високостручни лица со положен правосуден испит и големо практично искуство.

Во ОРМ велат дека нееднаквиот третман на правниците во компаниите наспроти адвокатите претставува директна дискриминација која е наметната со споменатите законски акти, што само по себе го отвора прашањето за нивната уставност.

Експертите упатуваат и на тоа дека адвокатите според Законот за парничната постапка, но и според европското законодавство, не се и не можат да бидат единствено надлежни за обезбедување правна помош. Тие се само дел од единствената правна професија и имаат исто знаење и способности како и другите лица со завршен правен факултет и положен правосуден испит. Затоа адвокатите не можат да бидат фаворизирани во споредба со правниците, кои само заради тоа што се определиле професионално да работат во компаниите, не ги прави помалку квалификувани од адвокатите и тие да даваат соодветна правна помош.

Дополнително, со спорните одредби од Законите за извршување и за нотаријат се укинува правото на компаниите непосредно и самостојно да го изберат наједноставниот и најефикасниот начин на правна заштита и застапување во постапки пред нотар или во извршната постапка.

“Верувам дека работната група ќе состави прифатливо предлог решение со кое ние како организација која ги застапува и штити интересите на бизнис заедницата и работодавачите ќе успееме да ги убедиме останатите социјални партнери и законодавецот дека направените грешки во законите кои предизвикуваат штети на бизнисот мора да се отстранат веднаш“, вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Инаку, во реализација на активностите кои се од интерес на социјалните партнери, а кои придонесуваат за унапредување на бизнис климата и работењето на компаниите во Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија добива поддршка од проектот Унапредување на социјалниот дијалог, којшто е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.