Основачот на „Foxconn“ сака да стане претседател на Тајван во 2024 година

22

Основачот на технолошката компанија Foxconn, Тери Гоу, денеска објави дека ќе се кандидира за претседател на Тајван во 2024 година.

Тој ќе бара поддршка од граѓаните на Тајван како независен кандидат, пренесува АП.

На прес-конференцијата, Гоу ја критикуваше владејачката Демократска прогресивна партија, за која рече дека „го доведе Тајван на работ на војна“ со Пекинг.

„Нема да дозволам Тајван да стане уште една Украина“, изјави основачот на тајванската компанија која е главен снабдувач на Apple.

Седумдесет и двегодишниот Гоу го основал Foxconn во 1974 година под името Хон Хаи, а во 2019 година се пензионирал како извршен директор на оваа компанија. Порталот Statista наведува дека Foxconn остварил приход од 216 милијарди долари во 2022 година, зголемувајќи ги приходите во споредба со 2021 година, кога изнесувале 195 милијарди долари. Компанијата има многу фабрики во Кина кои произведуваат iPhone телефони, а неодамна агенциите објавија дека Foxconn ќе инвестира 600 милиони долари во развојот на својот бизнис во Индија, пренесува Танјуг.