Осум македонски компании на еден од најзначајните саеми за храна Fancy food

30

Осум македонски компании деновиве во Њујорк го претставуваат домашниот преработувачки сектор на еден од најзначајните интернационални саеми за храна во светот Fancy food.

Станува збор за најголемиот саем за храна и пијалаци што се одржува секоја година во Северна Америка од 29 јуни до први јули. Се претставуваат 40.000 изложувачи од 80 земји со вкупно 260.000 видови прехранбени производи.

Саемот претставува можност американските трговци и потрошувачи да се запознаат со македонските прехранбени производи и да отворат простор за нив во малопродажните места.

Штандот на Македонија зафаќа 70 метри квадратни површина и е сместен на одлична позиција во централниот дел на приземјето на саемот, веднаш до националните штандови на Канада, Холандија и Велика Британија. На него, покрај македонскиот традиционален ајвар, изложени се и разни преработки од овошје и зеленчук со можност да се дегустираат.

“Интересот за нашите производи е огромен. Посетителите се пријатно изненадени од вкусот на македонските производи, така што на нашите компании им е овозможена одлична можност за освојување на американскиот пазар“, стои во соопштението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За успешен настап и успешно претставување на македонските компании се погрижи Министерството за земјоделство во соработка со конзулот на Македонија во Њујорк, Гоце Карајанов, и Македонската асоцијација на преработувачи (МАП).

Учеството на саемот е овозможено со финансиски средства што ги обезбеди Владата наменети за промоција на македонското извозно земјоделско производство на светските реномирани саеми за храна и вино.