Отворен Битола Старт – ап центар, прво локално партнерство за вработување во Битола

140

Во Битола свечено се отвори просторот во кој ќе работи Битола Старт-ап Центарот кој е првото локално партнерство за вработување кое се спроведува во рамките на проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, со финансиска поддршка од Европска унија. Општина Битола е единствена општина, избрана помеѓу 12 апликации од различни општини, која го имплементира овој пилот проект во нашата земја.

“Битола старт-ап поттикнува иницијативност младите луѓе да останат во својата држава. Проблемот на одлив да го намалиме, проблем кој не е само локален, туку е навистина поширок и е евидентен. Затоа Општина Битола, со огромна поддршка стои зад оваа иницијатива која ќе докаже дека И од Битола се може“, изјави Наташа Петровска, градоначалничка на Општина Битола.

Локалното партнерство за вработување се појавува точно во клучен момент кога на Битола и е потребно раздвижување на економијата и поттикнување на можностите за вработување. Во ситуација во која што се наоѓаме, соочени со сите предизвици предизвикани од Ковид 19, оваа заедничка иницијатива е уште позначајна бидејќи вклучува соработка на јавни институции, приватен сектор и невладини организации и покажува волја и соработка на локално ниво за решавање на клучни прашања.

“Општина Битола навистина заслужено го доби овој проект кој е пример за партнерство. Важно е да се истакне дека ниту една политика не може успешно да се имплементира доколку во неа не се вклучат сите засегнати страни, односно доколку не постои дијалог. Дијалогот е најсоодветна алатка за изнаоѓање на вистински решенија. Тоа тука го имаме. Потребите на локалниот пазар на вработеност го знаат луѓето од регионот за кој зборуваме, затоа вакви практики ќе успеат“, изјави Енвер Хусеин, заменик-министер за труд и социјала.

Планираните активности предвидуваат, стартап програма која ќе ти обезбеди менторски услуги за развој на бизнис идеи и финансиска поддршка за започнување на бизнис ( програма во реализација на ПРЕДА плус Фондација), потоа Саем на кариера кој што ќе овозможи поврзување на компаниите со барателите на работа ( во реализација на Младински културен Центар-Битола) како и Програма за развој на ИТ вештини кој ќе понуди обуки за практични ИТ вештини за директно вработување во ИТ секторот ( во реализација на Интерворкс Едукативен Центар).

“Кога зборуваме за проблемите на младите во Република Северна Македонија мислиме на немање на можности. Исто така кога мислам на проблемите на младите, не мислам само на Скопје, туку за младите на територијата на целата земја. Младите тука преферираат работа во јавниот сектор, што е спротивно на генералната тенденција, кога се луѓето млади тие се креативни, имаат идеи и треба да се впуштат во поинакви води на првите вработувања, собирање на искуства и создавање на лични почетоци“, изјави Никола Бертолини – Раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европска Унија во земјава, кој онлајн се вклучи на настанот.

Под водство на Локално економскиот Совет во општина Битола, партнерите (Општина Битола, Младински културен центар-Битола, Фондација за одржлив економски развој ПРЕДА плус, Техничкото училиште Ѓорѓи Наумов; Регионална Комора Битола, Агенција за вработување Битола, Интерворкс Едукативен Центар – Битола, Универзитет Св. Климент Охридски) ќе  спроведат активности за поголема вработеност во Пелагонискиот Регион, промовирање на екосистем за стартапи и поддршка на претприемништвото.
На настанот се обрати и Наташа Симјановска, проектна координаторка на Меѓународната организација на трудот со седиште во Скопје.

“Локалните партнерства за вработување можат да бидат ефективен метод и нивната цел е креирање на повеќе и подобри работни места. Во ваквите проекти, она што е важно е што нудат креативни и иновативни вработувања, особено на младите луѓе и оние од ранливите групи“, истакна таа.

По церемонијата која го означи почетокот, ПРЕДА плус Фондација, започна со реализација на првите активности од програма И ОД БИТОЛА СЕ МОЖЕ намената да поддржува иновативни идеи во рана развојна фаза.

“Преку онлајн апликацијата добивме вкупно 56 бизнис идеи. Комисијата за евалуација на пристигнатите идеи, ги избра најдобрите 20 бизнис идеи, кои ќе бидат вклучени во програмата, следејќи неколку основни критериуми: иновативност, профитабилност и изводливост на аплицираните бизнис идеи. Стартап програмата во период од 3 месеци ќе понуди менторски услуги за креирање на бизнис модели; тренинзи од еминентни професионалци од македонскиот стартап екосистем за водење на бизнис; можност за вмрежување со бизнис заедницата; презентација на бизнис идеите пред потенцијални инвеститори и финансиска поддршка за најуспешните бизнис идеи. Вкупната вредност на финансиската поддршка што ќе биде распределена на најдобрите бизниси во оваа грантова шема изнесува 740.000 денари, истакна Лидија Ангелова, проектна координаторка на ПРЕДА Плус.

Старт ап програмата се реализира во просториите на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) кои што во  склоп на ова партнерство отстапија простор  каде што ќе биде сместен Битола Старт ап Центарот. Преку овој  проект Факултетот ќе добие опрема и мебел, со што ќе се овозможат услови за  понатамошно  одржливост на овој центар. Во иднина, планирано е во овој центар ќе се реализираат иновативни и инвентивни програми кои ќе креираат стартапи и ќе создаваат нови работни места.

“Со сетот на добро осмислени активности, овој проект се приближува до младите, нивните егзистенцијални потреби, ја развива нивната креативност и сенс за претприемништво и тимска работа, ги подобрува нивните ИТ и други вештини неопходни за денешното современо, динамично и поинакво опкружување. Но, да не ја заборавиме и додадената вредност на ова локално партнерство, а тоа е  толку потребниот пристап до маргинализираните групи, со посебен акцент, покрај на младата популација, на Ромите, на жените…
Длабоко сум убеден дека креирањето поволен претприемнички екосистем што е основната цел на проектот, со финансиска поддршка од  Европската Унија не само што ќе ги даде посакуваните резултати туку дека уште еднаш ќе посведочи за важноста на одржливите партнерства помеѓу локалните власти, бизнис секторот, невладиниот сектор и секако, но не помалку важно –  образовните институции.

Среќен почеток за стартап програмата, за стартап Центарот –  да бидеме позитивен пример, и на овој начин да докажеме дека со партнерство, иновативност и креативност, НАВИСТИНА, …….И ОД БИТОЛА СЕ МОЖЕ !!!”, истакна Сашо Коруновски, ректор на универзитетот Св. Климент Охридски Битола.

 

Целта на Саемот за кариера е поврзување на бизнис заедницата (промоција на отворени работни позиции) со млади невработени лица. Другиот аспект на овој настан е мотивирање на младите да останат во РСМ, да започнат свој сопствен бизнис и/или да се вклучат во едукативни програми и да работат на сопствениот кариерен раст и развој, додаде Сашо Додоовски, директор на МКЦ-Битола.

Битола Стартап Центар е дел од Локално партнерство за вработување (ЛПВ) Битола е финансирано преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, со финансиска поддршка од Европската Унија.