Отворена првата хрватска crowdfunding платформа

18

croinvest

Започна пилот програмата прва хрватска crowdfunding платформа за финансирање на претприемачки, инфраструктурни и општествено корисни проекти со посебен акцент на проекти кои конкурираат за ЕУ фондовите.

Платформата Croinvest.eu, според основачите, настана како одговор на моменталната економска ситуација во која се наоѓа Хрватска, а особено како одговор на повлекување пари од ЕУ фондовите, што е еден од стратешките интереси на земјата.

Пилот програмата ќе се одвива во две фази. Во првата ќе биде претставен проект на Центарот за општествени иновации и одржлив развој. Во втората ќе бидат претставени уште неколку проекти, а од следната година платформата ќе им биде достапна за користење на сите граѓани. Платформата комбинира пет модели на финансирање – донаци, награди, заеми, сопственички удели и удел во добивка.

Платформата Croinvest.eu е бесплатна за користење, а наменета е за сите домашни физички и правни лица, како и за сите странски државјани кои сакаат да инвестираат во Хрватска.

Crowdfunding или групно финансирање е алтернативен пристап за обезбедување на капитал за различни видови на проекти. Подразбира јавно претставување на проектот во кој поголем број граѓани вложуваат помали суми на пари, за што можат да добијат одредени погодности или профит.