Отворено првото Роса школо за родителство

41

Во рамки на партнерскиот проект на Пивара Скопје и Министерството за здравство, официјално беше отворено првото Роса школо за родителство во Поликлиниката Јане Сандански во Скопје, стои во соопштението.

Беше најавено отворање и на уште две Роса школи за родителство до крајот на годината и тоа во Општата болница во Гостивар и во Клиничката болница во Битола.

Овие Роса школи се наменети за сите заинтересирани идни родители и членови на нивните семејства, со цел да се охрабрат за одговорно и успешно родителство,но и за да се едуцираат како да се справат со секојдневните предизвици што ги носат нивните нови улоги.

Од Пивара Скопје истакнаа дека овој проект е од исклучително значење за нив како компанија, чија определба е да биде долгорочен партнер на целата заедница, а истовремено најавија дека и во иднина ќе продолжат да дејствуваат во насока на подобрување на условите за сите идни родители.

“Верувам дека преку овие Роса школи за родителство ќе успееме да направиме чекор напред кон подобрување на добросостојбата на сите идни родители, но и на здравството воопшто, како еден од најзначајните сегменти во општеството. Наша искрена цел е овој проект да премине во долгорочен и да продолжи да живееи во наредните години, со цел да им овозможиме на поголемиот број граѓани ширум Македонија да имаат современ и модерен пристап кон спокојно родителство“, изјави Владимир Косијер, генерален директор на Пивара Скопје.

На прес конференцијата се обратија и министерот за здравство, Венко Филипче, како и директорот на Здравствен дом ‒ Скопје, Злате Мехмедовиќ, кои, исто така, ја потенцираа важноста од ваков тип школи за родителство, како исклучително функционален и ефикасеноблик на групни здравствено – воспитни работилници.

“Искрено, драго ми е што Пивара Скопје вистински ја покажува својата општествено -одговорна практика и во здравството, особено што допираме до родителството, како исклучително значајна категорија. Во овој проект влегуваме партнерски, со тоа што ние, како Министерството за здравство, ќе ги обезбедиме експертската помош и стручниот кадар од лекари специјалисти што ќе работат во сите три школи, со што сметам дека заедно ќе успееме да одговориме на сите можни прашања поврзани со родителството и ќе успееме да направиме позитивна разлика за општеството“, изјави Филипче.

“Во Роса школото за родителство ќе работи обучен и стручен тим составен од педијатар, гинеколог акушер и патронажна сестра, кои преку многубројни работилници, организирани во пет тематски целини, ќе обучуваат за успешно родителство, за текот на бременоста и нега на трудниците, како и за подготовките за породување, негата и исхраната на новороденчето. Истовремено, би сакал да упатам и апел до сите заинтересирани да се пријавуваат во оваа поликлиника, бидејќи предвидените обуки навистина носат големи бенефити за родителството“, рече Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом ‒ Скопје.

Инаку проектот Роса школи за родителство е резултат на шестмесечната кампања преку којашто беше издвоен по еден денар од секое продадено шише вода Роса од 1,5 литри, а средствата беа наменети за комплетно реновирање и опремување на три простории во здравствените институции наменети за Роса школите за родителство.