Овие пет компании имаат пазарна капитализација од 92 милијарди денари

143

Македонски Телеком, Стопанска банка Скопје, Алкалоид, НЛБ Банка и Цементарница Усје имаат вкупна пазарна капитализација од над 92 милијарди денари или 1,4 милијарди евра, заклучно 31-ви октомври, покажуваат податоците на Македонска берза.

Според FactBook за третиот квартал од оваа година, Македонски Телеком е лидер бидејќи има пазарна капитализација на 31.10.2019 година од 28.751.634.000 денари. Втора највисока пазарна капитализација има Стопанска банка Скопје, којашто заклучно крајот на октомври се позиционираше на 20.253.808.800 денари, додека трета е фармацевтската компанија Алкалоид со 15.866.548.055 денари. На крајот на октомври оваа година, пазарната капитализација на НЛБ Банка достигна 14.135.563.611 денари, со што ја сместува банката на четврто место, додека првата петорка се заокружува со пазарната капитализација на Цементарница Усје, што на крајот на октомври достигна 12.995.784.984 денари.

Пазарната капитализација за една компанија е производ на пазарната цена на акциите по вкупниот број на емитувани хартии од вредност. На пример, доколку едно акционерско друштво издало еден милион акции и пазарната цена на затворање на берзата на одреден датум е едно евро – пазарната капитализација на таа компанија ќе биде еден милион евра. Доколку цената на акциите се намали или зголеми, соодветно и пазарната капитализација ќе биде помала или поголема.

Големината на компанијата, односно нејзината пазарна капитализација не е единствен параметар за потенцијалите со кои располага друштвото, бидејќи постои одредена категорија на иматели на акции за кои може да се претпостави дека нема да ги продадат акциите. Од таа причина се воведува попрецизно мерење на пазарната капитализација што ги зема во предвид акциите што се наоѓаат во слободен промет – таканаречена Free Float пазарна капитализација.

Инаку, публикацијата Факти за котираните компании содржи податоци за најликвидните 20 котирани компании на Официјалниот пазар (Супер котација, Берзанска котација и Задолжителна котација), селектирани според прометот од редовно тргување во периодот 01.01.-31.10.2019 година, како и збирен преглед за останатите котирани компании со кои се тргувало заклучно со 31.10.2019 година.

Користени се податоци од неревидираните финансиски извештаи за деветте месеци од 2019 година за банките, додека за останатите котирани друштва, користени се податоци од деветмесечните биланси на успех и шестмесечните биланси на состојба. Финансиските показатели се пресметани врз основа на податоците од финансиски извештаи за последните 12 месеци (Q4 2018 – Q3 2019  trailing).

Фото: Pixabay